Во oрганизација на Хуманитарното здружение „Мајка“ од Куманово се одржа јавната дебата „Женско лидерство како огледало на заедницата“, на која жени од руралните и приградските средини побараа поголемо учество во локалното одлучување и поактивна комуникација со институциите.
Настанот се реализираше во рамки на проектот „Жените го преземаат водството во локалните заедници“, а на дебатата присуствуваа претставнички од осум рурални и приградски заедници од општина Куманово, претставници на локалната самоуправа, советници, граѓански организации, образовни институции, медиуми и граѓани.
Во панел-дискусијата учествуваа секретарот на општина Куманово, координаторката за еднакви можности на жените и мажите при општината, како и претставнички на локални женски кружоци, кои говореа за предизвиците со кои се соочуваат жените во руралните средини и потребата од нивно поголемо вклучување во процесите на донесување одлуки.
Учесничките посочија дека жените од руралните заедници и понатаму имаат ограничен пристап до локалните политики, недоволна информираност и недоволно систематско учество во процесите на планирање и носење одлуки. Во дискусијата беше нагласена и потребата од подобрување на функционалноста на постојните механизми за граѓанско учество и поголема застапеност на жените во месните заедници.
Од дебатата произлегоа и конкретни препораки за унапредување на локалното женско граѓанско учество, меѓу кои редовни теренски посети од страна на единиците на локалната самоуправа, повторно активирање и зајакнување на месните заедници, воведување разновидни механизми за граѓанско учество и подобрување на комуникацијата меѓу институциите и граѓаните.
Организаторите порачаа дека жените од локалните заедници мора да бидат активни учеснички во креирањето политики што директно влијаат врз нивниот секојдневен живот.
Проектот „Жените го преземаат водството во локалните заедници“ е финансиран од Европската Унија, ко-финансиран од Шведска, а го имплементира The Kvinna till Kvinna Foundation во партнерство со Акција Здруженска и Хуманитарно здружение „Мајка“ Куманово.






